свет

Формирана изборна коалиција која ќе му создаде тешкотии на Нетанјаху

Најблиските ривали на Бенјамин Нетанјаху, лидерот на Партијата на отпорот, Бени Ганц и лидерот на Партијата на иднината, Јаир Лапид, најавија дека ќе коалицираат на предвремените парламентарни избори

Mustafa Deveci  | 21.02.2019 - Обновена : 21.02.2019
Формирана изборна коалиција која ќе му создаде тешкотии на Нетанјаху

ЕРУСАЛИМ (АА) – На предвремените парламентарни избори во Израел, кои ќе се одржат во април, најблиските ривали на Бенјамин Нетанјаху, лидерот на Партијата на отпорот, Бени Ганц и лидерот на Партијата на иднината, Јаир Лапид, одлучија да настапат во коалиција, јавува Anadolu Agency (AA).

Два часа пред истекот на крајниот рок за предавање на листата на пратеници во Централната изборна комисија, двајцата лидери се согласија за коалиција.

Според постигнатиот договор, израелската Партија на отпорот и Партијата на иднината на изборите ќе учествуваат со заедничка листа. Ако победат на изборите, во првата половина на премиерскиот мандат кој трае 5 години, премиер ќе биде Ганц, а во втората половина Лапид.

- Нетанјаху го очекуваат тешки времиња -

Се наведува дека коалицијата ќе може да го промени изборниот баланс во Израел и дека ќе му создаде тешкотии на Нетанјаху да победи на изборите.
Според истражувањето на јавното мислење, најмногу гласови ќе освои партијата Ликуд на Нетанјаху, втора ќе биде партијата на Ганц, а трета Партијата на иднината на Лапид.

Според последните анкети, партијата на Нетанјаху ќе освои 31 пратеничко место, партијата на Ганц, 18, додека партијата на Лапид се проценува дека ќе добие 13 пратенички места.

Се наведува дека ако во наредните денови коалицијата на Ганц и Лапид ги зголеми гласовите, на изборите ќе може да добие повеќе гласови од партијата на Нетанјаху.

И да победат на изборите, Ганц и Лапид тешко ќе можат да го постигнат потребното мнозинство од 61 пратеник и да формираат Влада во Парламентот со вкупно 120 пратеници.

Поради тоа, коалицијата има потреба од поддршка на десничарските партии. И во израелските медиуми, исто така се пишува дека коалицијата и да победи на изборите, ќе има тешкотии да формира влада.

Се наведува дека Нетанјаху, кој ја презеде функцијата премиер на Израел од 2009 година, се обидува да ги собере десничарските партии против формираната коалиција.

Нетанјаху вчера ги повика десничарските партии да се соберат под еден покрив, за кои се предвидува дека ако учествуваат сами на изборите, ќе останат под определениот праг.

По тој повик од десничарските партии Еврејски дом и Оцма Јехудит соопштија дека се подготвени да формираат коалиција.

- Нетанјаху ја одложи својата посета на Москва -

По започнувањето на изборната трка во Израел, Нетанјаху вчера ја одложи планираната посета во Русија.

Состанокот помеѓу Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин требаше да се одржи денес во Москва. По барањето на Нетанјаху посетата беше одложена за понатаму.

Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху ја одложил својата посета на Русија поради разговорите за коалиција помеѓу Ганц и Лапид. Од Кабинетот на премиерот на Израел нема официјално соопштение за одложување на посетата.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın