Ekipa
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
СИВАС (АА) – Турција наскоро ќе ги отвори вратите на старата медреса „Ѓок“, од периодот на Селџучкото Царство, во турскиот град Сивас, откако завршија реставраторските работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Објектот, кој е изграден од везирот Сахип Ата Фахредин Али во 1271 година, познат по називот „Сина медреса“ поради сините плочки, е реставриран од страна на турската Генерална дирекција на вакуфи (фондации).

Гувернерот на Сивас, Салих Ајхан, во изјава за медиумите истакна дека реставраторските работи веќе се завршени, и дека објектот стар 748 години сè уште стои цврсто и покрај поминатото време.
Ајхан нагласи дека отворањето е планирано да се реализира за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на градот Сивас.
„Сакаме претседателот да ја види последната состојба на медресата „Ѓок“. Жителите на Сивас се многу среќни за откривањето на идентитетот на еден ваков историски монумент“, рече Ајхан.

Ајхан истакна дека се планира медресата да служи како Фондациски музеј, иако биле реализирани разговори и работи за да биде Музеј на исламски научници.
„Двете идеи имаат значење, но одлуката ќе ја донесе Генералната дирекција на вакуфи. Наскоро, можеби до лето, ќе се открие за каква цел ќе се користи“, додаде Ајхан.
Според него, реставрацијата на медресата целосно завршила, но моментално останало само да се утврди за каква цел ќе се користи овој објект.
Инаку, реставрацијата на медресата „Ѓок“, која е меѓу најистакнатите селџучки објекти, започна во август 1997 година од страна на екипа од осум експерти од Техничкиот универзитет во Истанбул.