Handan Kazancı
14 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
АНКАРА (AA) - Заменик премиерот на Турција и гласноговорникот на Владата, Бекир Боздаг, изјави дека Израел е одговорен за денешните напади врз Палестинците во Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Најголемиот виновник за денешниот масакр, без сомнеж е израелската држава. Но, колку и да е одговорен Израел за овие масакри, исто толку е одговорна и уште една земја, САД, американската администрација", рече Боздаг.
Истакна и дека Турција по повод на случувањата во Газа донесе одлука за свикување на седница на Организацијата за исламска соработка (OIC) во петок.
Нагласи дека неговата земја прогласила тридневна жалост поради Палестинците кои денеска ги усмртија израелските војници и додаде дека Турција ги повика амбасадорите од Тел Авив и Вашингтон на консултации во Анкара.
Израелската војска уби најмалку 55 Палестинци на протестите кои од утрово се одржуваат на границата на Газа поради отворање на американската амбасада во Ерусалим (Кудс).
Министерството за здравство во Газа соопшти дека израелските сили раниле и најмалку 2.771 демонстранти, меѓу кои се наоѓаат стотици лица со рани добиени од куршуми од огнено оружје кое го користеле израелските војници.
Илјадници Палестинци подигнаа шатори на границата на Газа и Израел, протестирајќи против преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс) и во знак на потсетување на Накба, Денот на големата катастрофа, што го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ по основањето на државата Израел на палестинска територија.
На денешен ден 1948 година на окупираната палестинска земја прогласена е независност на Израел. Од тој ден започна големиот прогон на Палестинците кој се одбележува секој 15 мај како Накба - Голема катастрофа.