Merve Aydoğan
14 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, најостро го осуди насилството на израелските сили за безбедност врз палестинските цивили на протестот во границата на Појасот Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Таму постои масакр, државен терор. Не е доволна само осудата на денешниот израелски масакр врз Палестинците, потребни се заеднички чекори“, рече Чавушоглу за турската телевизија „Хабер ТВ“.
Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ја признае независната палестинска држава, а особено апелираше до Организацијата за исламска соработка и до Арапската лига да заземат поконкретен и посилен став во борбата за палестинското прашање.
Илјадници Палестинци од утринава се собраа на границата на Газа, за да протестираат против израелската окупација на палестинската земја и преселувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Израелските сили во текот на денот убија најмалку 43 лица, а беа повредени стотици демонстранти. Израелската Влада претходно објави дека палестинските протести ги смета за воена ситуација и дека поради тоа не се применуваат законите за човекови права. Во својата објава таа истакна дека во овој случај безбедносните сили на Израел може да користат огнено оружје.