Ferdi Türkten
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за правда на Република Турција денес по вторпат до Грција упати барање за испорака на осумтемина пребегани турски војници-пучисти, кои по неуспешниот јулски обид за воен удар на терористичката организација ФЕТО побегнаа со хеликоптер од Турција во соседна Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што дознава АА, Министерството за правда на Република Турција денес упати барање до грчките официјални лица за испорака на осумтемина пучисти, само ден откако Врховниот суд на Грција (Ариос Пагос) донесе одлука за нивно неиспорачување.
Врховниот суд одржа рочиште на кое пребеганите пучисти беа донесени со врзани раце и под зајакната полициска придружба.
Судиите потоа на секој од нив им ја прочитаа пресудата со која Грција го одбива барањето на Турција за испорачување на осумтемина војници кои како припадници на терористичката организација ФЕТО учествуваа во неуспешниот јулски обид за пуч во Турција, а потоа со хеликоптер на турската војска побегнаа во Грција.
Претходно, пониските грчки судови изрекоа првостепени пресуди според кои беше наредено тројца од пребеганите пучисти да ѝ бидат испорачани на Турција, а петмина да бидат задржани во Грција. По подигнатата жалбена постапка, случајот се префрли во Врховниот суд во Атина.