Gözde Bayar
15 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Турската полиција денеска уапси 75 лица за кои се сомнева дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Апсењата се извршени откако Обвинителството од Анкара издаде налози за апсење на 174 осомничени лица. Полицијата синхронизирано изврши рации во 29 области за да ги уапси осомничените.
Осомничените се обвинети дека во текот на 2011 година на припадниците на ФЕТО им ги откривале одговорите на прашањата од испитот за прием во државна служба. На тој начин се инфилтрирани во државните институции.
Акциите на апсење на преостанатите осомничени и понатаму се во тек.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција формално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство преку наместен процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули 2016 година офицерите во турската војска лојални на таа терористичка организација започнаа обид за пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во којашто е активна, а на тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а беа ранети околу 2.200 лица.