Suat Salgın,Büşra Nur Özcan
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
БАЛИКЕСИР (АА) - На отворено море кај островот Маден, во близина на градот Ајвалик, потона мал брод кој превезувал лица со авганистанско потекло. Во несреќата настрадаа пет лица, а осуммина се спасени, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата на управителот на околијата Ајвалик, Намик Кемал Назли, дадена за АА се вели дека на отворено море, во близина на островот Маден потонал мал брод што превезувал странски државјани. На местото на несреќата биле испратени екипи на крајбрежната стража.
Од изјавите на спасените лица се дознава дека по потекло се од Авганистан. Г. Назли соопшти дека на бродот имало 13 лица.
„По потонувањето на бродот, животот го загубиja 5 лица, од кои 4 деца и една жена, а пак спасени се осуммина. Меѓу спасените е и едно тригодишно дете. Детето е во критична здравствена состојба и е под интензивна нега во државната болница во Ајвалик. На островот Маден е забележано едно лице. Се претпоставува дека станува збор за организаторот на патувањето и се прават обиди тој да биде фатен“.
Управителот на околијата Назли соопшти дека меѓу настраданите и спасените лица има седуммина што претходно биле фатени во обид за илегален премин во близина на градот Ајаџик, близу Чанакале.
Командата на крајбрежната стража соопшти дека хеликоптерот на оваа служба во 06.10 часот го забележала потонатиот брод и на местото на несреќата испратила 3 чамци за спасување.
Откако спасувачките чамци пристигнале на местото на несреќата, спасиле осуммина, од кои едно дете. Пронајдени се телата на 5 настрадани, а во исто време било забележано и едно лице на островот Маден.