ИДЛИБ/АНКАРА (АА) – Првата етапа на мисијата на Турските вооружени сили (ТСК), со цел да се формираат набљудувачки точки за да се следи спроведувањето на примирјето во зоната на деескалација (зоната без судири) во Идлиб, Сирија, започна на линијата Идлиб-Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Според наводите на репортерите на АА кои се наоѓаат во тоа подрачје, елементите на турските сили што вчера тргнаа од местото Рејханли во турската област Хатај и ја преминаа границата со Сирија, се наоѓаат во северниот дел на Идлиб.
Во првата етапа, турските сили се стационираа близу Африн, кој е под контрола на терористичката организација ПКК/ПЈД, а се наоѓа на границата со Турција.

Распоредувањето на силите, кое се спроведува во рамките на договорот од Астана што го постигнаа земјите-гаранти Турција, Русија и Иран, ќе продолжи на граничната линија Идлиб-Африн.
Се предвидува во наредниот период, по распоредувањето на единиците, Турските вооружени сили постепено, од север да се шират кон јужниот дел на Идлиб и да формираат набљудувачки точки во над 10 региони.
Единиците на ТСК кои се дел од Контролните сили за намалување на тензиите, составени од единиците на вооружените сили на земјите-гаранти, ќе бидат распоредени во рамките на договорот кој е постигнат во казахстанскиот град Астана.
Турските единици ќе формираат набљудувачки точки во внатрешноста на Идлиб, а руските сили на периферните делови.
Мисијата на ТСК која има за цел формирање на набљудувачки точки и следење на спроведувањето на примирјето во зоната на деескалација во Идлиб, се спроведува во координација со Слободната сириска армија (ФСА).
- Ќе биде спречен бранот бегалци
Целта на распоредувањето на турските сили е зголемување на ефикасноста на примирјето меѓу режимот и опозицијата, запирање на судирите, доставување хуманитарна помош и давање поддршка за обезбедување на потребните услови за раселените лица да се вратат во нивните домови.
Постоеше загриженост дека доколку не се заштити примирјето, Асадовиот режим, силите поддржани од страна на Иран и Русија наскоро би можеле да започнат голем бран насилства во Идлиб.
Во една таква состојба, милиони луѓе би тргнале кон границата за да преминат во Турција. На самиот појас со границата веќе се наоѓаат над милион лица кои престојуваат во камповите.
Распоредувањето на турските сили чија цел е заштита на примирјето во Идлиб, би придонело за создавање безбедна средина за цивилите, со што би се спречил можниот бран бегалци.
- Безбедносен штит против ПКК/ПЈД
Воената линија што турските сили ќе ја формираат во Идлиб, истовремено ќе претставува и безбедносен штит со којшто би се спречило ширењето на терористичката организација ПКК/ПЈД од Африн во Алепо, кон Идлиб.
Терористичката организација којашто од 2011 година го окупира Африн, се обидува да заземе еден дел од Идлиб за да има коридор за излез на Медитеранот, почнувајќи од границата на Ирак.
- Ситуација во Идлиб
Идлиб, кој се наоѓа во северозападниот дел на Сирија, на границата со Турција, беше цел на жестоки напади на сирискиот режим уште од почетокот на војната во март 2011 година. Во март 2015 година, режимот на Асад ја загуби контролата над Идлиб, кој падна во рацете на воените опозициски групи и антирежимските вооружени организации.
Во Идлиб, град што претходно имаше популација од околу 2,5 милиони лица, моментално живеат речиси 4 милиони лица откако во градот дојдоа цивилите од внатрешните делови на Сирија.
Ахрар ел Шам, најактивната воена опозициска група во градот, и антирежимската вооружена група Тахрир ел Шам, пред околу три месеци се повлекоа од централните делови на градот.
Со централните делови на Идлиб моментално управува Локалното собрание, кое го сочинуваат цивили.
Сите работи на Локалното собрание во врска со граѓаните се финансираат со средствата што на Собранието му ги испраќа Сириската привремена влада.
Во центарот на градот нема вооружени групи или организации. Таквите групи се наоѓаат на контролните точки на периферните делови на градот.
Во последните неколку месеци, се интензивираа активностите на антирежимската вооружена група Тахрир ел Шам на ова подрачје.
Голем број локални групи и понатаму се присутни во Идлиб, во рамките на ФСА.
Во западниот дел на североисточниот регион Идлиб се наоѓа Алепо, на југот е руралното подрачје Хама, и на запад Латакија. Еден дел од споменатиот регион е контролиран од страна на опозицијата, а другиот дел од страна на силите на режимот.
Во рамките на постигнатиот договор на преговорите во Астана за воспоставување мир во Сирија, Турција, Русија, и Иран постигнаа договор за Идлиб и за неговата околина, односно некои делови на Алепо, Хама и Латакија, преку кои поминуваат линиите на фронтот на двете страни во регионот, да бидат опфатени во „Зоната на деескалација во Идлиб“.