Muhammed Bilal Kenasari
05 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп ја повика надлежната комисија при американскиот Конгрес да испита дали неговиот претходник, Барак Обама, ја злоупотребувал својата функција и ги покренал минатогодишните истраги против него, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение на Белата куќа се наведува дека повикот на тогашното раководство на Белата куќа за истрага против Трамп непосредно пред претседателските избори се политички мотивирани и вознемирувачки.
„Претседателот Доналд Трамп во контекст на спроведените истраги во врска со наводни негови контакти со Русија сака Комитетот за разузнавање при Конгресот да истражи дали тогашното раководство на Белата куќа ја злоупотребило својата функција“, се вели во соопштението.
Од Белата куќа исто така се наведува дека нема да коментираат по тоа прашање сè содека не заврши истрагата.
Американскиот претседател Трамп претходно го обвини својот претходник Обама за прислушување на неговите разговори во текот на минатата година, а Обама ги негираше обвинувањата.
Надлежниот Комитет при Конгресот неодамна соопшти дека не постојат докази дека Трамп и неговиот тим во текот на предизборната кампања минатата година имале постојани контакти со руски официјални лица.