Handan Kazancı
25 Декември 2016•Ажурирај: 26 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски го побара својот руски колега, Владимир Путин, по повод трагичната авионска несреќа во Црното Море, во којашто загинаа 92 лица, соопштија денес претседателски извори, јавува Anadolu Agency (AA).
Според изворите, претседателот Ердоган му изразил сочувство на рускиот претседател Путин за денешната авионска несреќа во Црното Море.
Рускиот авион бил на пат кон Латакија, Сирија, по повод празничниот концерт, кога се урнал, при што загинаа сите 92 патници во авионот, повеќето од нив музичари од хорот на Црвената армија, ансамблот „Александров“, како и деветмина новинари.
Според изворите, двајцата лидери разговарале и за последните случувања во Сирија, како и за проширувањето на прекинот на огнот низ територијата на целата земја.
Сирија е средиште на граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад, презеде мерки со неочекувана свирепост врз продемократските протести во земјата.
Турција ја започна воената операција „Штитот на Еуфрат“ во северна Сирија кон крајот на август, со цел подобрување на безбедноста, поддршка на коалициските сили, како и елиминирање на заканата од тероризмот по должината на турската граница, со давање поддршка на силите на Умерената сириска опозиција.