Ekipa
28 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека членовите на Алијансата продолжуваат да ги зголемуваат трошоците за одбрана за НАТО, и за 2017 година се предвидува пораст од 4,3 отсто во оваа област, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг за медиумите даде изјава во врска со дневниот ред на утрешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, кој ќе се одржи во седиштето на НАТО во главниот град на Белгија, Брисел.
Генералниот секретар информираше дека основните теми на утрешниот состанок ќе бидат борбата против тероризмот, Авганистан, Ирак, споделувањето на товарот на трошоците за одбрана, соработка со Европската Унија (ЕУ), како и безбедносната состојба на Балтичкото Море.
Столтенберг потсети дека на минатомесечниот самит на шефовите на држави и влади од земјите од НАТО, била донесена одлука за забрзување на напорите на Алијансата во борбата против тероризмот, како и за зголемување на споделувањето на товарот за одбрана. Тој вели дека утре ќе се состанат министрите за одбрана за да разговараат за унапредувањето на овие одлуки, како и за повеќе да се зајакне одбраната.
Истакнувајќи дека пред неколку дена постигнале историски успех, Столтенберг нагласи: „Четири мултинационални сили на НАТО во балтичките земји и во Полска сега се целосно активни. Оваа ситуација отворено покажува дека нашата Алијанса е обединета против секаков вид на можна агресија“.
- „Во 2017 година, трошоците за одбрана ќе се зголемат за 4,3 отсто“ -
Генералниот секретар на НАТО уште еднаш ја потврди потребата за зголемување на буџетот за одбрана на НАТО. Тој истакна дека по падот во издвојувањата кој траел низа години, во 2015 година повторно е достигнато зголемување во трошоците за одбрана на Алијансата кај европските сојузници и во Канада.
„Ова продолжи и во 2016 година, додека оваа година очекуваме пораст од 4,3 отсто“ истакна Столтенберг, и додаде дека ова значи оти во последните три години европските сојузници и Канада за одбрана издвоиле речиси 46 милијарди долари.
Во врска со повикот на претседателот на САД, Доналд Трамп, до сојузниците, за зголемување на нивниот буџет за одбрана, Столтенберг истакна дека е задоволен од упорниот став на Доналд Трамп.
Столтенберг пренесе дека европските сојузници треба да го направат ова не за да го исполнат барањето на САД, туку заради своите интереси.
- Формирана единица за борба против тероризмот -
Во врска со борбата против тероризмот, за којашто ќе се дискутира утре, Столтенберг потсети дека минатиот месец Алијансата се вклучила на меѓународната коалиција за борба против терористичката организација ДЕАШ.
Генералниот секретар пренесе дека моментално е подготвена новата разузнавачка единица во седиштето на НАТО, и оти оваа недела ќе се активира нов хибриден оддел и нова разузнавачка единица против тероризмот.
„Активностите на овие единици ќе ни помогнат подобро да го разбереме ризикот од тероризам и странските борци, како и да им се спротивставиме“, додаде Столтенберг.
Генералниот секретар Столтенберг информираше дека состанокот ќе заврши со сеанса во врска со Авганистан, и нагласи дека Мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО во Авганистан помага земјата повторно да не се претвори во место погодно за тероризам.