Diyar Güldoğan,Ayhan Şimşek
18 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
АНКАРА (АА) - НАТО не сака Студена војна, изјави за германскиот дневен весник „ Билд“ генералниот секретар Јенс Столтенберг доцна синоќа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Изјавата на Столтенберг дојде пред состанокот на Советот НАТО-Русија, што ќе се одржи утре, 19 декември.
„Ова е сигнал за состанокот на Советот НАТО-Русија во понеделник: НАТО не сака ескалација, не сака Студена војна“, рече Столтенберг во интервјуто.
Столтенберг изјави дека НАТО мора да ги продолжи разговорите со Русија.
Амбасадорите на НАТО и руските дипломати за време на состанокот на Советот се очекува да разговараат за ситуацијата во источна Украина.
Односите меѓу НАТО и Русија се влошија по руската анексијата на Крим во март 2014 година и нејзината поддршка на сепаратистите во источна Украина.
Генералното собрание на ОН едногласно гласаше анексијата да се прогласи за нелегална. Заедно со многу земји на ОН, вклучувајќи ги и САД и ЕУ, Турција не го признава Крим како руска територија.
- Сирија -
Во врска со Сирија Столтенберг рече: „Се соочуваме со огромна хуманитарна катастрофа во Сирија“.
Тој истакна дека НАТО нема да учествува во воени операции во Сирија, додавајќи: „Тоа понекогаш е правото на користење воени средства - како во Авганистан. Но понекогаш, цената на воените средства е повисока од придобивките“.
Столтенберг изрази загриженост од поширок регионален конфликт во случај НАТО да се вмеша во сирискиот конфликт, и рече дека партнерите на НАТО се согласуваат оти таквиот потег ќе ја направи ситуацијата "уште полоша".
„Воената интервенција не може да ги реши сите проблеми“, додаде тој.
Сирија се наоѓа во граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад, презеде мерки со неочекувана свирепост врз продемократските протести.