Şerife Çetin
12 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
БЕРЛИН (АА) - Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, изјави дека без земјите како Република Турција не е можно да се воспостави безбедност во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во Берлин присуствуваше на конференцијата што ја организираше Германско-атлантското здружение, а во обраќањето пред присутните нагласи дека и оние што не се членки на ЕУ имаат важна улога во градењето на безбедноста во Европа.
Тој ги поздрави напорите што ги вложува Европа во јакнење на сопствените одбранбени капацитети и изјави дека и НАТО би имал корист од тој процес доколку би бил воден така што би ја зајакнувал и трансатлантската соработка.
Потсетувајќи на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, Столтенберг изјави дека 80 отсто од одбранбените капацитети на НАТО ќе доаѓаат од земјите надвор од ЕУ.
Тој посебно го пофали трудот што го вложува Турција во борбата против кризите во Сирија и Ирак.
„Невозможно е да се воспостави безбедноста во Европа без земјите како Турција, кои имаат клучна улога во борбата против тероризмот“, порача Столтенберг.