Ivana Ramadanova
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод нападот во Истанбул изрази сочувство до својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со голем шок и длабока потресеност ја примив веста за трагедијата во Ортакој, Истанбул, во која загинаа 39 лица. Без оглед на тоа каде живееме, ваквата трагична загуба на невини млади животи е уште еден потсетник дека мораме да останеме заедно и силни во име на човечноста и да направиме сè за добросостојбата на нашите деца. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија да изразам искрено сочувство. Нашите мисли и молитви се со семејствата што ги изгубија своите сакани“, вели претседателот Иванов.
Осудувајќи го насилството што се случи во Истанбул, Иванов се надева дека целата меѓународна заедница ќе работи заедно во борбата против злото и во насока на интензивирање на постоечката соработка против тероризмот. Тој изрази сочувство и до семејствата на трагично настраданите.
По повод терористичкиот напад што се случи во Истанбул за време на новогодишната забава во една дискотека, сочувство до турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара, и до турското Министерството за внатрешни работи изрази министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу.
Од македонското Министерство за внатрешни работи најостро го осудуваат овој терористички напад, истакнувајќи дека сочувствуваат со турскиот народ во овие тешки мигови.