Handan Kazancı
17 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Иран утре ќе се состанат во Женева како дел од напорите за пронаоѓање политичко решение за граѓанската војна во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе се состане со неговиот руски и ирански колега во Канцеларијата на ОН и се очекува да го најават Комитетот што ќе го формира новиот Устав на Сирија“, велат дипломатски извори, кои зборуваа под услов на анонимност.
Со состанокот ќе претседава специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура.
За време на Сириската мировна конференција кон крајот на јануари во Сочи, беше договорено формирање Комитет за изготвување препораки за измена на Уставот на Сирија.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во петокот изјави дека Русија, Турција и Иран ќе претстават листа на кандидати за Сирискиот уставен комитет до ОН.
Сирија е средиште на граѓанска војна која започна во 2011 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги разби продемократските протести со неочекувана свирепост.
Според официјалните претставници на ОН, оттогаш стотици илјади лица се убиени и над 10 милиони се раселени.