Ali Murat Alhas
17 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Сирискиот режим на Асад и неговите сојузници преку жестоки напади и блокади принудија речиси 130.000 лица да мигрираат од градовите што ги зазедоа во текот на оваа година, пишува Anadolu Agency (AA).
По повод Меѓународниот ден на мигрантите (18 Декември), Anadolu Agency собра податоци од локални извори кои покажуваат дека 2018 година за Сиријците ќе биде запаметена како година на раселување и принудна миграција.
Иако опозициските области Дамаск, Хомс, Дера и Кунејтра се назначени како зони без судири (во согласност со претходните договори потпишани во Астана), ова не го спречи режимот да извршува напади и блокади и да принудува голем број граѓани да ги напуштат своите домови.
Сиријците од овие региони кои се противат на режимот беа преместени во бегалски кампови на северот на земјата, каде што и понатаму се соочуваат со тешки животни услови.
Според податоците собрани од Сириските интервенциски координатори, локална невладина организација посветена на пружање помош на цивилите, режимот и неговите сојузници принудиле 128.926 лица да ги напуштат своите домови во период од 14 март до 31 јули оваа година.
- 80.000 го напуштија главниот град -
Овогодишните принудни евакуации прво започнаа во периодот од 14 март до 10 мај, кога Сиријците мигрираа во Источна Гута, во Дамаск, Источен Каламун, Кадем, Qadem, Јелда, Бабила и Беит Сахем.
Речиси 74.000 лица од Источна Гута, предградие на Дамаск, и од Источен Каламун, во близина на либанската граница (кој се смета за симбол на антирежимскиот отпор), беа принудено преселени во безбедните области под контрола на опозицијата во Алепо и Идлиб.
Со уште 9.250 цивили преместени од населбите под контрола на опозицијата, Јелде, Бабила и Беит Сахем, вкупниот број лица што се принудени да ги напуштат опозициските области на Дамаск оваа година достигна 83.214.
- 35.000 го напуштија Хомс -
Кога принудните евакуации во Дамаск беа завршени, тогаш сирискиот режим и неговите сојузници го нападнаа централниот сириски град Хомс.
По долгата блокада, 35.648 локални жители беа принудени да ги напуштат руралните области на северен Хомс и да заминат во областите под контрола на опозицијата во Идлиб и Алепо, во период од 7 до 18 мај.
Во меѓувреме во пресрет на евакуациите, градовите Дера и Кунејтра паднаа под целосна контрола на режимот.
Опозициските групи и цивили кои продолжија да се спротивставуваат на режимот во Дера и Кунејтра, исто така беа принудени да се преселат во северна Сирија.
Во согласност со договорот за присилна евакуација, над 10.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во периодот од 15 до 31 јули.
Според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), седумгодишниот конфликт во Сирија остави околу 6,6 милиони внатрешно раселени лица, а уште 5,6 милиони лица бараат статус на бегалец во странство.
- Режимот ги запира повратниците -
Со цел да ја сврти ситуацијата во своја корист, режимот на Асад сега се обидува да спречи милиони лица да се вратат во своите домови со прекинување на нивната врска со Сирија.
Со оваа цел, режимот продолжува да ги запленува или да ги уништува имотите што останале од принудно раселените лица.
Во април, режимот имплементираше закон за домување, познат како „Закон 10“, според кој има право да национализира имотот и средства на секој што не поднел барање во рок од една година.
Во средината на октомври, на сателитските снимки на „Хјуман рајтс воч“ можеше да се видат силите на режимот како уништуваат имот без да дадат предупредување или да понудат компензација.