Adham Kako
01 Септември 2018•Ажурирај: 02 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека минатиот месец во Сирија се масакрирани 391 цивил, од кои поголемиот дел се убиени од страна на Асадовиот режим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на СНХР објавен во август, се наведува дека минатиот месец во Сирија загинаа 391 цивил, од кои 66 деца и 37 жени.
Во овој извештај се нагласува дека Асадовиот режим минатиот месец масакрирал 239 цивили, од кои 13 деца и 8 жени.
Според овој извештај, во нападите на руските сили кои му даваат воздушна поддршка на Асадовиот режим, животот го загубиле 36 цивили, од кои 20 деца, додека терористичката организација ЈПГ/ПКК убила 15 цивили, од кои 3 деца и 3 жени.
Во извештајот се вели дека терористичката организација ДЕАШ убила 12 цивили, од кои 5 деца и една жена, а една жена е убиена од страна на воената опозиција. Исто така, 88 цивили, од кои 25 деца и 17 жени, биле убиени од страна на непознати лица.
- Во 8 месеци убиени 6.036 цивили
Сириската мрежа за човекови права соопшти дека во периодот од јануари до август оваа година, убиени се 6.036 цивили, меѓу кои деца и жени.
Според извештајот, во јануари се убиени 774 цивили, во февруари 1.389 цивили, во март 1.241 цивил, во април 408 цивили, во мај 354 цивили, во јуни 593, во јули 886 цивили, додека во август се убиени 391 цивил.
Во извештајот се упатува апел за заштита на цивилите во Сирија, и е побарано судење на одговорните страни.