Adham Kako
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
АНКАРА (АА) - Најмалку 836 затвореници починаа во затворите во кои режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад затвори неколку стотици илјади неистомисленици, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) објави извештај за судбината на дел од бунтовниците што се заробени за време на војната во Сирија и на кои им се губи трагата во затворите на режимот на Асад.
Во извештајот се наведува дека режимската администрација ги известила семејствата за смртта на 836 затвореници.
Режимот во мај оваа година започна да ги известува семејствата и надлежните локални служби за судбината на затворениците, но во официјалните известувања не се наведува причината за нивната смрт, ниту нивните посмртни останки им се предадени на семејствата.
Најмногу потврдени смртни случаи, вкупно 285, се забележани во затворите на режимот на Асад во Дамаск и неговата периферија. Во затворите во Хомс животот го загубија 146, во Хасеках 141, во Хама 117, во Дера 78, Идлиб 29, Латакија 23, Алепо осум, Деир ез Зор шест и во Сувејда тројца затвореници.
Од Сириската мрежа за човекови права тврдат дека поголемиот дел од затворениците починале како последица на насилство и тортура, а дел од нив се стрелани.
„Постојат две основни причини зошто режимот не ја открива судбината на затворениците. Првата е притисокот на Русија која е гарант на мировниот процес на страната на режимот, а втората е тоа што режимот по секоја цена сака да го затвори досието на затворениците и да се прикаже како победник во сириската војна. Така се обидува народот да го натера на послушност“, наведе шефот на невладината организација SNHR, Фадил Абдулгани.
Паралалено со тоа, во извештајот се наведува дека од почетокот на војната во затворите на режимот на Асад како последица на тортура починале речиси 14.000 затвореници.
Според податоците на сириската опозиција, во затворите на режимот на Асад се притворени најмалку половина милион лица.