Fatih Erel
27 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Сириската олимпијка Јусра Мардини стана најмладата амбасадорка на добрата волја на Високата канцеларија на ОН за бегалци (УНХЦР), а станува збор за 17-годишна Сиријка која побегнала во Турција, а потоа го препливала Егејското Море до Грција и стигнала во Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Горда сум што ја претставувам бегалската популација. Живеам во Берлин и на јавните настапи на луѓето им ја раскажувам својата приказна. Апелирам до сите бегалци да соберат сила и да го продолжат образованието и своите животи од онаму каде што застанале“, порача Мардини.
Мардини беше една од десетте членови на тимот што на претходната Олимпијада во Рио ја претставуваше бегалската популација, а денес на прес-конференција за новинарите во женевската канцеларија на ОН изјави дека на наредната олимпијада би требало да настапи бегалската репрезентација во ист формат.
„И јас би сакала да настапам и на Олимпијадата во Токио 2020 година. Секако дека не сакам тимот на бегалците да биде вечен бидејќи сакам колку што е можно побрзо да се надмине бегалската криза“, изјави Мардини и додаде дека нејзиниот сон е еден ден да се заврши војната и да се врати во татковината Сирија.
Младата олимпијка Мардини на светската јавност ѝ е позната по тоа што со херојски чин спаси 20 сириски бегалци, кои со чамец тргнаа од Турција кон Грција, а на отворено море се расипал моторот на чамецот. Сестрите Мардини скокнаа во водата и четири часа пливаа и ги туркаа останатите бегалци во чамецот до грчкиот брег на Лезбос.