Fatih Erel
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека по нападот врз сирискиот град Дума, во Источна Гута, кај најмалку 500 пациенти забележани се симптоми на изложеност на токсични хемикалии, јавува Anadolu Agency (AA).
„Според Извештајот на партнерите, по саботниот напад на Дума, околу 500 пациенти дошле во здравствените институции со знаци и симптоми кои се јавуваат при изложеност на токсични хемикалии“, се наведува во соопштението на СЗО.
Во соопштението се наведува дека кај пациентите имало знаци на „сериозна иритација на слузокожа, респираторна инсуфициенција и нарушување на работата на централниот нервен систем.“
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад во саботата изведоа жестоки напади врз дистриктот Дума во Источна Гута и убија повеќе од 70 цивили. Локалната цивилна заштита информираше дека во нападите се користени бомби со отровни гасови.
Светската здравствена организација наведува дека 43 смртни случаи се поврзани со симптоми на изложеност на отровни хемикалии.
Питер Салама, заменик-генералниот директор на СЗО за итни случаи, побара непречен пристап до дистриктот Дума во Сирија, за да биде проверен Извештајот на партнерот.
Режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад и неговите поддржувачи, со воздушна поддршка на Русија, на 19 февруари започнаа акција за заземање на Источна Гута, која е под контрола на опозицијата.
Оттогаш се изведени бројни напади на подрачјето на кое живеат околу 400.000 цивили. Загинаа бројни цивили, а сè почестите и поинтензивни напади ги примораа цивилите заштита да побараат во засолништата и во подрумите.