Ali Cura
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
МОСКВА (АА) - Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, во врска со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во која тој рече: „Подготви се, Русијо, бидејќи ракетите ќе дојдат, убави, нови и паметни“, порача дека ракетите треба да се користат против терористите, а не против владата на Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп денес ѝ порача на Русија да биде подготвена доколку мисли да ја брани Сирија од американските ракетни напади. Коментирајќи ги руските закани за рушење на сите ракети кои ќе бидат истрелани на Сирија, изјави дека Русија не би требало да биде партнер на животно кое со отровен гас го убива својот народ и ужива во тоа.
Портпаролката на руското МНР, порача дека паметните ракети треба да бидат користени против терористите, а не кон „легитимната влада која со години на својата територија се бори против тероризмот“.
„Дали инспекторите на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) се предупредени дека паметните ракети ќе ги уништат сите докази за користење на хемиското вооружување? Или се работи токму за тоа трагите на провокација да се покријат што побрзо за меѓународните инспектори да не бараат ништо?“, порача Захарова.
Трамп денес констатира дека американско-руските односи се полоши од кога било, вклучувајќи го и периодот на Студената војна, и додаде дека за тоа нема причини.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад на 7 април во напад на Дума користеа хемиско оружје и убија најмалку 78 цивили.
Со руското ставање на вето одбиен е американскиот предлог на Резолуцијата во Советот за безбедност на ОН кој би овозможил истрага и утврдување на одговорните за тој напад.
Официјален Вашингтон порача дека ќе одговори на употребата на хемиско оружје во Сирија, без оглед на ставот на Советот за безбедност.