Gülbin Yıldırım
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Американската администрација донесе одлука за санкционирање на 17 Саудијци поврзани со убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството за финансии се наведува дека меѓу Саудијците кои ќе бидат санкционирани се наоѓа и Сауд ал-Кахтани, поранешниот главен совеник на саудискиот принц престолонаследник на Мохамед Бин Салман и саудискиот конзул во Истанбул, Мухамед ал-Отаиби.
Се наведува дека саудиските државјани се санкционирани во раммките на „Законот Магнитски", според кој се наметнуваат санкции на оние кои ги кршат човековите права во Русија и другите земји.
Освен ал-Кахтани и ал-Отаиби, на листата санкционирани Саудијци се најдоа и Махе Мутреб, Салах Тубаиги, Месхал Албостани, Наиф Аларифи, Мохамед Алзахрани, Менсур Абахусаин, Калид Алотаиби, Абдулазиз Алхавсави, Валид Алсехри, Тхар Алхарби, Фахад Албалави, Бадр Алотаиби, Мустафа Алмадани, Саиф Алкахтани и Турки Алсехри.
Според одлуката за санкциите, на овие лица им се замрзнува целиот имот во САД и им се забранува воспоставување на трговски односи со државјаните на САД.
Одлуката за американските санкции следуваше 45 дена по убиството на Кашоги.
Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија денес во Ријад соопшти дека ќе побара изрекување на смртни казни за сите за кои ќе се утврди дека учествувале или наредиле убиство на Кашоги.
Колумнистот на весникот „Вашингтон пост" убиен е на 2 октомври во зградата на саудискиот конзулат во Истанбул. Турското обвинителство откри дека Кашоги е задавен веднаш по влегувањето во конзулатот, а дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а дека не го напушти конзулатот, како што претходно тврдеа.
Истрагата за случајот и понатаму е во тек со акцент на потрагата за посмртните остатоци на Кашоги.