Dildar Baykan
16 Ноември 2018•Ажурирај: 17 Ноември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Западната американска сојузна држава Калифорнија е соочена со три големи шумски пожари кои зафатија цели градови, во кои бројот на загинати е зголемен на 66 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалните официјални претставници соопштија дека посмртните останки на уште шест изгорени лица се пронајдени на опожареното подрачје.
Повеќе од 630 лица и понатаму се водат како исчезнати во најсмртоносниот пожар во историјата на Калифорнија.
Најтешко погодени градови се Парадајс и Малибу, а 5.600 пожарникари и понатаму се борат против огнот.
Најмалку 9.200 објекти се потполно изгорени во пожарот.
Во пожарот во Малибу изгореа голем број вили на познати личности од светот на филмот и музиката, како што се Џерард Батлер, Мајли Сајрус, Скот Баио, Гиљермо дел Торо, Ким Кардашијан, Алиса Милано и Рејн Вилсон.

За размерите на пожарите во северниот и јужниот дел на Калифорнија најдобро сведочи и фотографијата која ја објави американската агенција НАСА, а станува збор за фотографија снимена од вселената на која се гледаат големи облаци од чад над Калифорнија.
