Jeyhun Aliyev
16 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
РИЈАД (АА) - Погребната молитва во отсуство на телото на убиениот саудиски новинар, Џамал Кашоги, ќе се изврши денес во Мека и Медина, во Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Салах Кашоги, синот на убиениот колумнист на „Вашингтон пост“, преку Твитер соопшти дека погребната молитва ќе се одржи во Медина по утринската молитва (Сабах-намаз), како и во Мека по петочната молитва (Џума-намаз).
Салах претходно изјави дека семејството ќе прима сочувство за својот татко од петок до недела во нивниот дом во Џеда.
Колумнистот на весникот „Вашингтон пост“ („The Washiington Post“) е убиен на 2 октомври во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул. По неколкунеделно негирање дека имаат одредени сознанија во врска со Кашоги, саудиските официјални лица признаа дека Кашоги бил убиен при расправија во Конзулатот.
Неговите посмртни останки допрва треба да се вратат на семејството, кое бараше враќање, по извештајот дека телото на Кашоги е растворено во киселина.
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Адел ал Џубеир, вчера изјави дека земјата го смета убиството на новинарот Џамал Кашоги за злосторство и голема грешка.
Тој кажа дека Саудиска Арабија е одлучна во намерата по судски пат да ги процесуира сите одговорни за убиството на Кашоги.
Истакнувајќи дека саудиските институции во истрагата соработуваат со турските институции, Ал Џубеир рече дека и понатаму постојат прашања на кои треба да се најдат одговори.
Канцеларијата на главниот саудиски обвинител вчера соопшти дека се подигнати обвиненија против 11 од вкупно 21 обвинет за убиството на новинарот Кашоги.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека изјавите на саудиското Обвинителство се незадоволувачки.
Тој ги повика саудиските власти да ја откријат целата мрежа која стои зад бруталното убиство и да одговорат на клучното прашање каде се наоѓа телото на убиениот новинар.