Övünç Kutlu
11 Август 2018•Ажурирај: 12 Август 2018
ЊУЈОРК (AA) - Американската администрација потврди дека од 13 август ќе започне со дополнително оданочување на челикот и алуминиумот увезен од Турција. Оданочувањето на челикот кое моментално изнесува 25 отсто, по два дена ќе биде зголемено на 50 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
„За да го намалиме увозот на челик, а истовремено да го зголемиме користењето на домашните капацитети, донесов одлука дека е неопходно и соодветно на 13 август да стапи во сила оданочувањето од 50 отсто на увозниот челик од Турција“, пишува во одлуката која ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп, а ја објави Белата куќа.
И во изјавата на американскиот министер за трговија, Вилбур Рос, потврдено е дека претседателот Трамп донел одлука за зголемување на данокот на турскиот челик од 25 на 50 отсто.
Трамп на социјалната мрежа Твитер напиша дека одобрил воведување двојни царини на челикот и алуминиумот кои се увезуваат од Турција. Стапката за алуминиумот ќе изнесува 20, додека за челикот 50 отсто.