Eşref Musa,Levent Tok,Adham Kako
11 Август 2018•Ажурирај: 12 Август 2018
ИДЛИБ/АНКАРА (AA) - Силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад покренаа интензивни напади, со цел потполно заземање на регионот Туркмендаг во Лазкија, на северозападот на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
По воспоставувањето контрола над Дера и Кунејтра, сириските сили и сојузници покренаа акција и на подрачјето Туркмендаг.
Новинарот на АА од Идлиб наведува дека во петокот вечерта почнале интензивни напади на позициите на сириската опозиција.
Доколку режимските сили во потполност го заземат Туркмендаг, кој е од голема важност за патната комуникација Идлиб - Лазкија, и сириската Лазкија во потполност ќе падне под контрола на силите на Асад.
Сириските сили во 2015 година, со поддршка на Русија, зазедоа 85 отсто на Туркмендаг. Околу 20 отсто Туркмени и Арапи, кои живееја на тоа подрачје, избегаа во Турција.
Земјите гаранти Турција, Русија и Иран, во почетокот на мај минатата година, во текот на четвртата рунда од преговорите за Сирија, во казахстанскиот главен град Астана потпишаа меморандум за формирање „зона без судири“ на подрачјето на Сирија.
Меморандумот подразбира формирање „зона без вооружени судири“ во четири региони и сигурни зони, долж границите на спомнатите региони во земјата погодена од војна. Станува збор за Идлиб и некои подрачја во Лазкија, Хама и Алепо, потоа одредени подрачја на северот на Хомс, Источна Гута во Дамаск и одредени подрачја на југот на Сирија (Дера и Кунејтра).