Michael Hernandez,Betül Yürük
13 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Русија упати повик до Советот за безбедност на ОН да спроведе итна седница како последица на тензиите предизвикани од нападот со хемиско оружје во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Василиј Небензја за новинарите во ОН изјави дека ова е вистински момент за состанок на Советот.
„Итен приоритет е да се спречи опасноста од војна“, изјави Небензја.
„Втор приоритет сега е мисијата на Меѓународната организација за забрана на хемиско оружје (ОЗХО) да стигне до Дамаск и Дума, и да види што всушност се случило“, додаде тој.
Состанокот што го предлага Русија е со цел решавање на можноста од воена акција на САД како одговор на нападот извршен со хемиско оружје од режимот на Башар ал Асад.
Извори од ОН за АА рекоа дека Русија денес бара одржување на состанокот.
Тимот од ОЗХО има задача да утврди дали се случил хемиски напад, но не и да ја утврди одговорноста.
Потврдено е дека тимот е упатен кон Сирија и се очекува да започне со својата работа утре.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад во саботата изведоа жестоки напади врз подрачјето Дума во Источна Гута и убија 78 цивили. Локалната цивилна заштита информираше дека во нападите се користени бомби со отровни гасови.
Министерот за одбрана на САД, Џим Матис, вчера изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не одлучил дали ќе се случи воено дејствување во Сирија.
„Сè уште не донесовме никаква одлука за започнување со воени напади во Сирија“, изјави Матис за пратениците во Комисијата за вооружени служби. „Претседателот сè уште не ја донел таа одлука“, додаде тој.
Запрашан што го вознемирува најмногу во врска со можниот воен напад на САД, Матис рече: „На стратешко ниво, како да го задржиме ова да не излезе од контрола“.
Вчера Трамп на социјалната мрежа Твитер напиша: „Никогаш не кажавме кога ќе се случи нападот во Сирија. Може да биде многу наскоро или воопшто да не се случи“.
Подоцна тој за новинарите изјави дека одлуката ќе биде донесена многу наскоро.