Stipe Majic
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, изјави дека ќе го повлече секој припадник на хрватската Армија доколку се разгори конфликтот меѓу Украина и Русија, оценувајќи ги зголемените тензии последица на американските внатрешнополитички превирања, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на посетата на „Краш“ во Загреб, Милановиќ одговори на новинарското прашање „Како Хрватска ќе реагира во случај на ескалација на актуелниот конфликт меѓу Украина и Русија, со оглед на најавите дека НАТО може да побара присуство на дополнителни хрватски војници во областа“.
„Не знам ништо за тоа, а сум врховен командант на хрватската Армија. Ги гледам најавите според кои НАТО го зголемува присуството и испраќа извиднички бродови. Ние немаме ништо со тоа и нема да имаме ништо. Тоа го гарантирам - ништо. Доколку дојде до ескалација, ќе се повлечат сите, до последниот хрватски војник. Тоа нема никаква врска со Русија или Украина, туку со динамиката на американската внатрешна политика, Џо Бајден и неговата администрација, која единствен ја поддржував во Европа, сè уште имам причини зошто го направив тоа 'Urbi et orbi' и јавно, преземајќи одредено ниво на одговорност. Меѓутоа, во односите и прашањата од меѓународната безбедност гледам една неконзистенстност и всушност опасно однесување...Постојат начини и модалитети да се зачува Украина како цела држава или како 99 проценти, да ѝ се помогне економски“, изјави Милановиќ.
Милановиќ изјави дека соборувањето на легално избраниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, во државниот удар било поттикнато од Европската Унија и Вашингтон во тоа време.
„Резултатот од тој државен удар беше окупацијата на Крим, за која некои високи германски команданти пред некој ден велат дека е трајна ситуација, командант на германската морнарица. „Соочени сме со сериозна криза зад која првенствено стои динамиката на американската внатрешна политика“, рече Милановиќ.
Потсети на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот однос со Русија, за кој оцени дека предизвикувал сомнеж поради можното постоење на компромитирачки податоци против Трамп што ги поседува руската страна.
„Владимир Путин е агресивен во државна смисла, тој не е етнонационалист“, рече Милановиќ, додавајќи дека постои притисок од внатрешните актери на американската политика врз Пентагон и претседателот Бајден, САД да се постават цврсто кон Русија.
„На Украина не ѝ е местото во НАТО“, рече тој, додавајќи дека осум години по соборувањето на Јанукович, земјата „остана една од најкорумпираните земји во светот, која економски стагнира и не добива ништо од Европската Унија“.
Хрватскиот претседател смета дека ЕУ требало да инвестира одредени средства за екстремистите во Украина да не можат да продолжат да вршат притисок врз дневната политика.
„Ова е ситуација без вистински виновник, но со многу јасна слика за тоа кој би можел да биде оштетен и затоа Хрватска нема да учествува во тоа до степен до кој јас можам да влијаам, а тоа е хрватската Армија“, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател истакна дека Хрватска треба да се оддалечи од распалување на конфликтот во Украина „како од пожар, а не да отвора врата“.
Милановиќ смета дека зголемените цени на гасот се последица на овој конфликт на конфронтација со Русија и дека деловната соработка на некои источни германски покраини со руската енергетска компанија „Гаспром“ се смета за еден вид незаконско однесување заради што треба да следат санкции.
„Тоа е цената што сите мораме да ја плаќаме, ќе ја платат Германците, ќе плати Европа. Хрватска ќе плати можеби нешто помалку“, заклучи Милановиќ.