Elena Teslova
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
МОСКВА (АА) - Претставници од 10 земји се состанаа со талибанците во рускиот главен град Москва за да дискутираат за неодамнешните случувања и иднината на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
На почетокот од состанокот, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го нарече московскиот формат еден од „најбараните“ механизми за решавање на спорот за Авганистан.
Тој изрази жалење за отсуството на американски претставници на седницата и рече дека се надева оти тоа не е поради „некои принципиелни проблеми“.
„Жал ни е што нашите американски колеги не присуствуваат... Се надевам дека тоа не е поврзано со некои принципиелни проблеми и најверојатно дека една од причините е промената на американскиот специјален претставник за Авганистан“, изјави Лавров.
Тој рече дека очекува САД да ја изразат својата подготвеност за соработка во врска со авганистанското прашање и да се приклучат во чекорите финализирани по состанокот.
Рускиот дипломат рече дека нивната цел е да постигнат одржлив мир во Авганистан, а дека формирањето инклузивна влада е „клуч за успехот“.
Тој рече дека отсуството на меѓународно признавање на талибанците, како и социјалните и економските проблеми и хуманитарните предизвици придонеле за нестабилната ситуација во Авганистан, која може да ја искористат терористичките и криминалните групи.
„Ова може да има преносни ефекти за соседните земји“, рече тој, додавајќи дека разговарал со талибанците за да не дозволат да го користат авганистанското тло против нивните соседи од Централна Азија.
„Задоволни сме од нивото на практична интеракција со авганистанските власти, што овозможува во сегашната фаза да се решат проблемите со обезбедувањето безбедност на руските граѓани кои живеат во Авганистан, непреченото функционирање на нашата Амбасада во Кабул, како и амбасадите на други земји“, рече тој.
Тој им се заблагодари на талибанците за помошта во организирањето на евакуација на руските државјани и обезбедувањето на неопходните услови за руските новинари да ги извршуваат своите должности во Авганистан.
„Дојде време меѓународната заедница да му обезбеди на Авганистан значителна финансиска, економска и хуманитарна помош за да избегне хуманитарна криза и нов бран на емиграција“, рече тој.
Покрај земјата домаќин Русија, на состанокот учествуваат претставници на Казахстан, Таџикистан, Иран, Пакистан, Кина, Туркменистан, Индија, Киргистан и Узбекистан. Се очекува тие да усвојат заедничка изјава по седницата.