Hakan Ceyhan Aydoğan
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
МОСКВА (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин го одобри договорот со кој на руската армија на неопределено време ѝ се овозможува да ја користи воената база Хмеимим во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Руската и сириската Влада на 26 август 2015 година потпишаа договор според кој на руските авиони и војници им се овозможува на неопределено време да ја користат воената база. Договорот прво беше одобрен од страна на Долниот дом – Думата, а подоцна и од Горниот дом – Советот на федерации. Со потпишувањето на договорот од страна на Путин, тој официјално стапи во сила.
Според договорот, Русија нема да ѝ плаќа никаков надомест на Сирија за користењето на базата. Во базата ќе бидат распоредени авиони, персонал и воена опрема од страна на Русија. Донесената опрема во базата Хмеимим нема да биде предмет на оданочување и царина. На членовите на рускиот персонал сместени во базата и на нивните семејства ќе им бидат овозможени некои од дипломатските привилегии и недопирливост. Сирија се обврзува дека против активностите на рускиот персонал нема да подигне никаков судски процес.
Со чекорите што во последно време ги прави Русија, присуството на нејзините војници во Сирија станува постојано. Заменик-министерот за одбрана на Русија, Николај Панков, во изјавата што ја даде на 10 октомври рече дека Русија планира за постојано да се стационира во воената база во близина на сирискиот град Тартус.