Admir Fazlagic
30 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во своето новогодишно обраќање на граѓаните им посака среќна Нова 2019 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов се наведува дека доаѓањето на новата година кај секого од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина.
„Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа. Во овие моменти, кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме“, се вели во честитката.
Се додава дека позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да нѐ водат во текот на целата година.
„Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби“, порачува Иванов.
„Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина. Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани. Од сè срце ви посакувам среќна Нова 2019 година!“, се вели во честитката од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.