Husameddin Gina
08 Јануари 2019•Ажурирај: 08 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, денес пред состанокот на Работниот комитет за евроинтеграции, нагласи дека има чувство оти во процесот на уставните измени постои скриена рака која сака да го уништи, јавува Anadolu Agency (AA).
Османи, одговарајќи на новинарски прашања за барањата на БЕСА на Биљал Касами и Алијансата на Албанците во врска со уставните измени, наведе дека амандманите можат да бидат подобри и дека тој самиот може да подготви многу поубави и посуштински амандмани.
„Имам чувство дека постои скриена рака во процесот која сака да го уништи овој процес. Не би сакал албанските политички партии, поради наивност или поради недобро снаоѓање во ваквите тешки политички процеси, да бидат перципирани како делови на таа скриена рака за уништување на процесот“, наведе Османи.
Вицепремиерот Османи, исто така потсети дека целиот овој процес на уставни промени е продукт на еден многу деликатен и тежок компромис на многу страни во процесот во кој е вклучена меѓународната заедница со сите свои потенцијали.
Тој истакна дека најлошата услуга што може да им се направи на Албанците во моментот е да се даде порака дека тие го кочат членството на Република Македонија во НАТО.
„Нема поважен етнички интерес за Албанците отколку членството во НАТО. Тоа е поголем и поесенцијален интерес на Албанците над секој друг етнички интерес во моментов, бидејќи тоа гарантира дека Албанците ќе бидат дел од западноевропското семејство на вредности во кое тежнеат да бидат со генерации и генерации напред“, рече Бујар Османи.
Уставните измени се дел од Преспанскиот договор, потпишан во јуни оваа година од страна на владите на Македонија и Грција, чија имплементација е услов за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Потсетуваме, со двотретинско мнозинство пратениците на Собранието на Република Македонија го усвоија предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со тоа што 80 пратеници гласаа „за“, а 39 „против“.
Собраниската седница за последната, трета фаза од уставните измени е закажана за утре.