Besar Ademi
03 Февруари 2017•Ажурирај: 04 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Пратеникот на Европскиот Парламент (ПЕ), Едвард Кукан, испрати силна осуда за албанска платформа на политичките партии во Македонија, платформа која според него ја подготвил премиерот Република Албанија, Еди Рама, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што пишува новинската државна агенција МИА, Кукан кој е прв човек на Европската народна партија (ЕПП) во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), рече дека таквата платформа е целосно неприфатлива, како за него, така и за Европската унија.
„Албанија отсекогаш имала добри резултати во однос на регионалната соработка и тоа се цени, но, ќе застанам сега тука. Активностите на албанскиот премиер по изборите во Македонија, за мене се целосно неприфатливи, целосно неприфатливи! Да се поканат албанските политички партии од Македонија и да се дискутира нивна платформа и што треба да прават кога ќе се вратат во нивната земја, мислам е навистина премногу. Изненаден сум што тоа никој не го споменува јавно, но знам дека тоа предизвика многу критики, многу критики. Тоа не е начинот на кој се прават работите", рече европратеникот Едвард Кукан.
Заедничка платформа помеѓу албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама. Преку оваа заедничка платформа, во која има неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата влада на Македонија ако не се исполнат барањата наведени во платформа.
- МНР: Соседите да се занимаваат со своите проблеми, а не со Македонија -
Во врска со коментарите на премиерот на Албанија, Еди Рама, кој како гостин на една дебатна емисија за време на неговата вчерашна посета во Косова, рече дека „Македонците треба да знаат дека Македонија не може да постои без Албанците“, реагираше Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР).
Во реакција на МНР се вели: „ Политичарите од соседството кои упорно се обидуваат да го оттргнат вниманието од проблемите дома, со потпалување оган кај соседи одат спротивно на европските вредности. Секако дека им е најпривлечно да се занимаваат со соседни земји во услови кога тешко им оди со реалните потреби на граѓаните во сопствената земја. Сепак, за сите ќе биде најдобро да се посветат на реформите што им се толку многу потребни пред да мечтаат за лидерство и да креираат поделби во регионот”.
Оттаму нагласуват дека немаат посебна намера да се впуштат во анализи на тоа кој се се вмешува и за каква цел, и дека според нив, праксата ни докажа дека добри решенија за земјата мора да потекнуваат од интересите на граѓаните и таквиот став е во функција на европската интеграција на Македонија.
„Само суверена, ефективна и ефикасна Македонија може да придопнесе во проектот кој е масовно поддржан од македонските граѓани“, се наведува во реакцијата од македонското Министерство за надворешни работи.
Премиерот Еди Рама зборуваше и за платформата на Албанците за која рече дека „не е провокација, туку произлегува од Охридскиот договор, како и дека не му е важно дали Груевски или Заев ќе ја формираат новата влада, туку прифаќањето на албанската платформа“.