Senada Ibraimova
17 Март 2017•Ажурирај: 18 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со поддржувачите повторно се собраа пред Владата, од кадешто го започнаа својот марш кон Собранието во знак на протест, како што велат, против платформата на албанските политички партии, јавува Anadolu Agency (AA)
Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници граѓани вечерва повторно маршираа низ улиците на Скопје, кадешто го изразија својот став против платформата на албанските политички партии во Македонија.
Пред Собранието , дел од организаторите и поддржувачи на овој протест одржаа говор, кадешто ги упатија своите пораки воглавно против двојазичноста во државата. Тие и вечерва повторно ги нагласија нивните ултимативни барања, односно како што рекоа, да се стави крај на оваа платформа, дека се против бинационална држава, дека се за мултиетничка Македонија и дека се против двојазичност во државата.
Исто така потенцираа дека, нема да престанат да се собираат и протестираат се додека не им се исполнат барањата. Тие потенцираа дека, не прифаќаат претседател во собранието, којшто, како што велат, ја прифаќа албанската платформа.
Луѓето кои маршираа, носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се раздели.
Протестите против платформата на албанските политички партии во Македонија, кои се одржуваат веќе деветнаесетти ден, освен во главниот македонски град, се одржуваат и во и во градови во државата.
Инаку, денес Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), поддржан од страна на членовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Движењето БЕСА и Сојузот за Албанците, ја поднесе иницијативата за продолжување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Претседавачот со конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав Трајко Вељановски соопшти дека закажал координативна средба за вторник, 21 март 2017 година.
Иницијативата е резултат на консултациите меѓу парламентарните партии за неколку дена, по речиси 80 дена од заверката на мандатите на пратениците. Деветтиот состав на Собранието на Република Македонија беше конституиран на 30 декември минатата година, со верификација на мандатот на сите 120 пратеници од предвремените парламентарни избори на 11 декември, но беше прекинат поради неуспехот да се обезбеди парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието.