Zülfiya Yakup
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека е „разочаран и вознемирен со пропагандната кампања на Србија во стариот стил, која продолжува да предизвикува страв и меѓуетничка омраза кај српската заедница на северот на Косово", пренесува Anadolu Agency (AA).
Косовскиот претседател во пишана изјава за медиуми, само ден по средбата на највисоко ниво на Косово и Србија во Брисел, наведе дека „оркестираната пропаганда од Србија има за цел да ги заплаши косовските граѓани, кои живеат на северот на земјата и попречување на нивната полна интеграција во институциите на Република Косово".
Тачи истакна дека државата Србија во целата досегашна историја манипулирала и за политички цели ја жртвувала српската заедница која живее на Косово, а последиците од тој деструктивен пристап се евидентни и денеска.
„Затоа, повторно ја повикувам Србија да се откаже од таквата пракса која не служи на било кој начин за процесот на помирување и нормализација на односите помеѓу Косово и Србија", порача Тачи.
Исто така, тој изјави дека ја уверува српската заедница која живее на Косово дека никогаш ништо лоше нема да им се случи од страна на безбедносните институции на Република Косово, кои се демократски и кои ги штитат животите на сите граѓани каде и да се наоѓаат, независно од нивната етничка припадност.
„Европската унија и НАТО треба да испратат примедба на Србија да се воздржуба од сценаријата на подбуцнување на нов конфликт на Косово и регионот. Косово и целиот наш регион имаат потреби само за зголемување на регионалната соработка, добро соседство и забрзување на процесот на интеграции во ЕУ и НАТО, како главен услов за долгорочен мир и безбедност", наведе Тачи.
Повикувајќи се на свои извори, белградските медиуми денеска пренесоа дека Приштина планира да ги нападне Србите на северот на Косово и дека се зголемени патролите на полициските специјалци РОСУ во српските средини јужно од реката Ибар.