Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Според неофицијалните резултати од 86,52 отсто обработени податоци, Државната изборна комисија (ДИК) на Република Македонија соопшти дека на референдумот за промена на името и членство на земјата во НАТО и во Европската Унија (ЕУ), одѕивот на гласачите изнесува 36,11 отсто, од кои 91,52 отсто или 501.323 граѓани се изјасниле дека се „за“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, кој ги објави привите неофицијални резултати од референдумот, исто така рече дека „против” гласале 31.886 или 5,82 отсто.
„Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња изнесува 532.218, бројот на неважечки ливчиња е 16.073, а вкупниот број на неупотребени ливчиња е 969.993“, рече Деркоски.
Тој исто така потврди дека во текот на денот гласањето минало на уреден начин и без пречки, со исклучок на одредени кратки прекини поради технички проблеми и некои помали инциденти, кои не го попречувале процесот на гласање.
Тој нагласи дека за референдумот да биде успешен, законски одѕивот на гласачите мора да биде над 50 проценти од бројот на гласачи запишани во избирачкиот список.
Потсетуваме дека 1.806.836 граѓани на Македонија со право на глас имаа можност да го остварат своето право на глас од 07:00 до 19:00 часот.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки. Сепак, Владата на Македонија соопшти дека резултатот на референдумот ќе се смета за обврзувачки.
При позитивен резултат на референдумот, конечната одлука за Договорот со Грција ќе се усвои од страна на Собранието на Македонија, каде што за уставни измени ќе биде потребен гласот на две третини од пратениците.
Референдумот се одржа по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.
По завршувањето на овој процес во Македонија, потребно е Договорот да се ратификува и од страна на грчкиот Парламент.