Zülfiya Yakup
17 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - Американскиот потпретседател Џозеф Бајден, го започна состанокот со косовскиот премиер Иса Мустафа. На средбата присуствуваат и двајцата заменици премиери, Хајредин Кучи, и Бранимир Стојановиќ, како и министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, јавува Anadolu Agency (АА).
Американскиот потпретседател потоа ќе се состане со претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој го пречека синоќа на приштинскиот аеродром „Адем Јашари”, со највисоки државни почести. Бајден и Тачи по средбата ќе имаат заедничко обраќање до медиумите.
Сите средби се одржуваат во зградата на Собранието на Косово во Приштина, со ригорозни мерки на безбедност.
По состанокот со косовскиот државен врв, потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД) ќе го посети местото во близина на американската воена база Бондстил, во општина Урошевац, каде што ќе учествува на церемонијата посветена на именувањето на националниот патен правец Урошевац - Гњилане, во чест на неговиот починат син, Џозеф Р. "Бо" Бајден III. Истовремено, како дел од неговата посета на Косово, Џил Бајден, сопругата на американскиот потпретседател, претпладне ќе го посети манастирот Грачаница, каде што ќе се сретне со владиката Теодосије и ќе го разгледа манастирот.
Главниот град на Косово, Приштина, во чест на доаѓањето на потпретседателот Бајден е накитен со американски и косовски знамиња, додека косовската полиција, во соработка со други релевантни институции и во координација со безбедносните структури на САД, презеде остри безбедносни мерки за време на оваа посета.