Zülfiya Yakup
17 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - Потпретседателот на САД, Џо Бајден, денес во Приштина порача дека американскиот народ ќе продолжи да го поддржува Косово, но дека властите ќе мора и понатаму да работат на исполнување на условите од Бриселскиот договор, преку нормализација на односите со Србија и формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство, како и дека ќе мора да го усвојат договорот за границата со Црна Гора.
Бајден по средбата со премиерот Хашим Тачи, заедно со него им се обрати на медиумите нагласувајќи дека успехот на Косово е делумен успех и на неговата земја, јавува Anadolu Agency (АА).
Американскиот потпретседател рече дека е задоволен од напредокот што е направен во Косово од неговата последна посета во 2009 година.
Бајден рече дека во Косово е заедно со своето семејство, со цел да присуствува на церемонијата на именување на патен правец по неговиот починат син, и дека е горд родител бидејќи неговиот син бил подобар од него.
Бајден истакна дека е во Косово и со цел на официјалните лица на земјата да им ја пренесе пораката дека САД ќе продолжат да бидат покрај Косово.
„Кога бев тука последниот пат реков дека вашата демократија ја поттикнува стабилноста во регионот”, рече Бајден, и нагласи дека независно Косово нема пат за назад, и дека е свесен дека требало да се донесат и некои тешки одлуки за да се оди напред.
Бајден го пофали косовскиот претседател што ги испочитува српските жртви убиени во 1999 година во близина на Липљан, како и децата убиени во Гораждевац, 2003 година.
Американскиот потпретседател истакна дека на средбата со премиерот Иса Мустафа и претседателот Тачи разговарале за неопходноста на дијалогот со Србија, со цел да се нормализираат односите меѓу двете земји, како и потребата од ратификација на договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
„Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство ќе биде тешко, но тоа е неопходно за вас, тоа е основа за унапредување на Косово и целосна интеграција на Косово и Србија во Европа”, рече Бајден, додавајќи дека околу тоа во Белград разговарал со српскиот премиер Вучиќ.
Тој понатаму истакна дека во Косово мора да се извршат реформи во судството и дека борбата против корупцијата морa да биде поефикасна, бидејќи корупцијата е рак на едно општество, и ги попречува инвестициите. Тој, исто така, наведе дека економскиот развој е исклучително важен и дека САД и на тој план му помага на Косово.
„САД дадоа помош од речиси две милијарди долари и ќе продолжиме да му помагаме на Косово”, рече Бајден.
Тој порача дека Косово не е само, и дека има пријатели од целиот свет, но дека нема подобар пријател од САД. Тој му честиташе на Косово на успешната борба против заминувањата на косовските граѓани на странските боишта.

Косовскиот пртседател, Хашим Тачи, рече дека голема чест за Косово е посетата на потпретседателот Бајден, и истакна дека зачленувањето на Косово во НАТО и во ЕУ е сигурно, и дека Косово има направено значајни чекори во процесот на нормализација на односите со Србија преку дијалогот во Брисел.
Тачи рече дека помирувањето е потребно и можно, и дека е потребна нова динамика во дијалогот со Србија.
Во контекст на добрососедските односи косовскиот претседател на граѓаните им порача дека „без одобрување на договорот за демаркација на границата со Црна Гора и формирањето на Заедницата на српски општини на Косово ќе останат изолирани и осамени, без пријатели во САД и во ЕУ”.