Eren Beksaç
17 Септември 2021•Ажурирај: 19 Септември 2021
ПРИШТИНА
Во Приштина, главниот град на Косово, се одржа свеченото отворање на 29. Генерално собрание и конференција на Балканско-југоисточната европска унија на новински агенции (АБНА-СЕ), чиј домаќин е новинската агенција „Косово прес“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На приемот одржан во Националниот музеј во Приштина, Агенција Анадолија ја претставуваа Јусуф Озхан, главен и одговорен уредник и заменик-генерален директор и доц. д-р Јусуф Озкир, член на Одборот на директори на АА.
Во своето обраќање, Армела Красниќи, генерална директорка на Албанската телеграфска агенција и мандатна претседателка на АБНА-СЕ, посочи на зголемената одговорност на медиумите за време на епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19).
Нагласувајќи дека поради епидемијата медиумските агенции треба да посветат поголемо внимание во нивните емитувања од кога било порано, Красниќи истакна: „Од првиот ден на епидемијата, слободата на медиумите се соочи со големи предизвици. Зголемена е побарувачката на вести за оваа исклучително вонредна ситуација, а луѓето што беа затворени во своите домови беа жедни за информации. Ова беше тешка година. Видовме дека кај целата јавност имаше многу поголем интерес за вестите.“
Скендер Красниќи, висок раководител на „Косово прес“, истакнувајќи дека имаат за цел да станат членка на Европската асоцијација на новински агенции, додаде „Пандемијата, која создаде големи последици во сите сфери на животот и работата, изгледа дека во иднина, на поинаков начин ќе ги пренасочи формите и патиштата што ќе ги обработуваме на полето на медиумите, отколку претходно. На сите претставници на агенциите тука, им посакувам надминување на тешкотиите на најдобар можен начин.“
Главниот и одговорен уредник и заменик-генерален директор на АА, Озхан, ќе ги презентира новата веб-страница и логото на АБНА-СЕ, дизајнирани од АА.
Настанот, кој ја вклучува и конференцијата „Медиуми и новински агенции во ерата по Ковид-19“, ќе заврши в недела, на 19 септември.