Stipe Majic
17 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ЗАГРЕБ
Штабот за цивилна заштита на Република Хрватска предупреди дека бројката од околу 40 отсто неимуни луѓе во Хрватска е доволен за ширење на варијантата Делта на коронавирусот и дека најголем број од починатите и сериозно болните луѓе се невакцинирани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Крунослав Чапак, директор на Хрватскиот завод за јавно здравство, го изнесе податокот дека на неделно ниво бројот на заразени лица во Хрватска се зголемил за 39,7 отсто.
Од вкупниот број заразени, 14 отсто се вакцинирани, додека од 9 починати, 8 не се вакцинирани, а вакцинирано лице имало тешки коморбидитети.
Моменталната инциденца за Хрватска изнесува 323,8.
Според инциденцата на заразени, Хрватска е на 23. место на листата на земји од ЕУ, додека според инциденцата на смртност од 2.087,6 лица на милион жители, се наоѓа на 20. место на оваа скала.
Чапак порача дека регистрација на трета доза од вакцините од страна на ЕМА не е на повидок.
„Новата вакцина на компанијата „Санофи“, различна од векторските и мРНА-вакцините, е протеинска вакцина која има пониска цена од мРНА-вакцините и висока ефикасност, а Хрватска нарача 300.000 дози“, рече Чапак.
„Проценките се дека овој четврти бран нема да оди толку високо како вториот бран што беше во октомври и ноември минатата година токму поради имунизираните лица, но сме во голем пораст“, рече Чапак.
Алемка Маркотиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, истакна дека е сè поголем бројот на оние кои се на болничко лекување и со потешки форми на болеста, и дека од сите европски здравствени установи се испратени апели преку вакцинирање да се направат обиди тој број да се одржи под контрола во наредниот период.
„За жал, уште имаме голем број невакцинирани и широк простор за ширење на вирусот. Варијантата Делта, која се шири побрзо од варијантата Алфа, практично зазеде примат од речиси 100 отсто во Европа и тоа е причината што заразата брзо се шири“, рече Маркотиќ.
„Повеќето хоспитализирани и тешко болни не се вакцинирани“, додаде Маркотиќ, истакнувајќи дека голем број пациенти се лекуваат од постковид-симптоми на клиниките.