Furkan Abdula
17 Септември 2021•Ажурирај: 18 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија пристигнаа над 50.000 дози вакцини против Ковид-19 од производителот „Фајзер-БајоНТех“, кои се донирани од страна на соседната земја Бугарија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Синоќа, во 21:00 часот, во нашата земја пристигнаа вкупно 51.480 дози вакцини на „Фајзер-БајоНТех“, како донација од соседна Република Бугарија. Веднаш по пристигнувањето, 30.000 вакцини беа дистрибуирани до вакциналните пунктови низ земјата, со цел да се обезбеди непречен процес на имунизација на населението“, се вели во соопштението на Министерството за здравство на Северна Македонија.
Се нагласува дека иако рокот на важност на вакцините е до 30 септември, со постоечката дневна динамика на вакцинација, донираните вакцини ќе бидат употребени далеку пред истекување на овој рок.
„Благодарност до Владата на Република Бугарија за оваа донација, која претставува гест на солидарност и уште една потврда за успешната соработка меѓу институциите на двете земји во справување со ковид-кризата“, се наведува во соопштението.
Според соопштеното, препорачана возраст за имунизација со вакцината на „Фајзер-БајоНТех“ е над 12 години.
„Вакцинацијата во Република Северна Македонија се одвива непречено, на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. Вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат единствен начин да се победи пандемијата. Само со целосна вакцинација се намалува шансата од заболување, се спречува тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход“, се додава во соопштението на ова министерство.