БЕЛГРАД (AA) - По состанокот со премиерот на Србија Александар Вучиќ, потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џозеф Бајден рече дека неговата посета денес е премногу кратка, но дека смета дека многу нешта се постигнати во разговорите, јавува Anadolu Agency (AA).
Бајден рече дека, како и претседател на САД Барак Обама, многу го цени лидерството на Вучиќ, посебно кога е во прашање регионалната политика.
„Мислам дека и за цела Европа е многу важно овој регион да биде обединет и мирен. Србија претставува клучен камен темелник, политички и економски за цел регион и од тоа зависи како целиот регион ќе помине", додаде Бајден.
Тој рече дека верува дека овие години се момент на вистински можности за Србија и дека е сведок на голем напредок на Србија во релативно краток период.
„САД се посветени на поддршката на народот на Србија на патот по кој тргнавте. Ние не го правиме тоа затоа што сме племенити, туку затоа што тоа е во интерес на САД", рече Бајден додавајќи дека верува дека Србија мора да биде демократски дел од ЕУ.
Како што наведе, тој е горд на новото поглавје на односите на САД и Србија, а денес разговараа за продлабочување на партнерствата, потоа напредокот на дијалогот помеѓу Косово и Србија, „што не е едноставно".
„Многу нешта од историјата треба да се надминат. Тоа прашање утре ќе го покренам и на состаноците на Косово, ќе биде потребно многу работа и политичка волја, но сметам дека ќе продолжите да ја унапредувате оваа ситуација. Двете страни се определени кон напредокот", рече Бајден и го пофали Вучиќ за неговиот ангажман за продлабочување на односите во регионот, како што е неговото учество на одбележувањето на дваесетгодишнината од геноцидот во Сребреница.
Според зборовите на Бајден, втора работа важна за Србија е продолжување на патот на реформите, бидејќи, постојат одредени услови кога големите компании сакаат да инвестираат во земјата каде што владее правото.
Тој ја истакна поддршката на САД за Србија на патот кон ЕУ и додаде дека се посебно важни реформите кои помагаат за унапредување на Србија во односите со ЕУ.
Премиерот на Србија Александар Вучиќ наведе дека на денешниот состанок разговарале за три теми, билатералните односи на САД и Србија, потоа дијалогот на Белград и Приштина и регионалните односи, а врзано со сето тоа е европскиот пат на Србија.
Кога се во прашање билатералните односи, Вучиќ рече дека се во напредна фаза, дека се повеќе инвеститори од САД има во Србија, како и дека се надева дека со отворањето на поглавјата 23 и 24 ќе има уште инвеститори, бидејќи верува дека Србија ќе ја уреди по правилата на демократските општества.
Тој додаде дека денес зборувал за обврските на Србија, што таа не направила како и за аспектите во кои Србија може да биде подобра. Наведувајќи дека разговарале за односите на Србите и Албанците, Вучиќ рече:
„Сакајќи да го оставиме минатото зад себе и да гледаме во иднината, разговаравме за се во минатото, во изминатите 30 години и многумина во тие односи помеѓу Србите и Албанците правеа многу грешки и би рекол за нас како народ и Влада на Србија, никогаш не е, па ниту денес не претставува проблем да преземеме таков вид одговорност за грешките кои ги правеле нашите сонародници. Истото тоа, веруваме дека ќе го направат и сите други, бидејќи страдаа и многу Срби, многу Албанци, веруваме дека тоа во иднина нема да се повтори".
Вучиќ истакна дека од исклучителна важност е поддршката на САД во чувањето на стабилноста на целиот регион како и дека целокупниот регион нема напредок доколку се загуби стабилноста.
Потпретседателот на САД Бајден денес допатува во Белград, а на аеродромот Никола Тесла го дочека денешниот домаќин, премиерот на Србија, Вучиќ. По аеродромот, во Палатата Србија одржани се состаноци на двете делегации и тет-а-тет состанок на потпретседателот Бајден и премиерот Вучиќ.
По изјавите, за крај на својата посета на Србија, потпретседателот на САД, Џозеф Бајден се состана со претседателот на Србија Томислав Николиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
