Erdoğan Çağatay Zontur
16 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
ЊУЈОРК (AA) - Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики денес соопшти дека Палестина ќе аплицира за полноправно членство во Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
„Свесни сме дека Соединетите Американски Држави (САД) можат да стават вето на нивното барање за полноправно членство во ОН, но ова нема да нѐ спречи да аплицираме“, рече тој по преземањето на претседавањето со Групата 77+Кина, најголемиот блок на ОН.
Во 2012 година Генералното собрание на ОН ѝ додели на Палестина статус на земја набљудувач, без право на глас.
За полноправно членство во ОН е потребно одобрување од Советот за безбедност на ОН, по што одлуката оди на гласање во Генералното собрание на ОН.
Палестина и во 2011 година упати барање за полноправно членство, но тогаш не доби поддршка од Советот за безбедност на ОН. Очекувањата се дека САД ниту овој пат нема да ја поддржат Палестина.