РАМАЛА (АА) - АВАД ЕР-РАЏУБ -
Чајџилницата „Бедран“, во градот Хеброн, Палестина, речиси 200 години се обидува да опстане и покрај притисоците на израелските сили и ширењето на политиките за еврејските населби, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Бедран“ опстојува речиси 2 века во стариот дел на градот Хеброн, на југот на окупираниот Западен Брег, и продолжува да ги угостува своите гости со историските спомени што ги раскажуваат постарите Палестинци, кои сè уште ја носат својата традиционална облека.
Се наоѓа во приземјето на зграда од периодот на Мамлуците (1250-1517) со поглед на чаршијата Казазин во историскиот град. Обновена е пред неколку години од страна на палестинскиот Комитет за реконструкции „Ел-Халил“.

Чајџилницата „Бедран“, која привлекува внимание со дрвените маси и столови стари 60 години, се наоѓа на приземјето од историската зграда и се простира на 50 квадратни метри. На горните катови од зградата живеат палестински семејства.
- Една од традиционалните чајџилници во Палестина -
Мухамед ет-Телбиши (66), жител на Хеброн, и покрај притисокот од Израел 23 години се обидува да работи со традиционалната чајџилница.
Ет Телбиши им нуди на муштериите чај и кафе подготвени на турски начин и наргиле. Исто така чајџилницата е позната како место каде што доаѓаат постарите лица кои го чекаат повикот за молитва од историските џамии лоцирани на неколку стотици метри.
Чајџилницата „Бедран“ се наоѓа во близина на историската џамија „Казазин“ и џамијата „Харем-и Ибрахим“.

Наведувајќи дека десетици редовни муштерии на чајџилницата починале, Ет Телбиши рече дека неговата кафеана ја посетиле поранешниот крал на Јордан, Абдула ал-Хусеин (1882-1951), палестинскиот лидер Хаџи Емин ал-Хусејни и многу други познати личности.
- Некогаш беше место за состаноци во градот Хеброн -
Потенцирајќи дека чајџилницата „Бедран“ некогаш била користена како место за состанување во градот Хеброн, Ет Телбиши рече дека жителите на Хеброн со години во неа одржуваат состаноци за решавање на спорови, а прават и свадби.
Тој раскажа дека по 2000-тата година морал да ја затвори чајџилницата на 1,5 година поради притисоците од Израел, рече дека имало моменти кога израелските сили вршече упад и приведувале муштерии, вклучително и постари лица.
Посочувајќи дека моментално се обидува да работи со многу малку муштерии, Телбиши нагласи дека муштериите не можат да стигнат до чајџилницата поради контролните пунктови на израелските сили, како и поради еврејските населби.
Тој, исто така, рече дека поради епидемијата на Ковид-19 ги изгубиле странските туристи и дека приходите се многу мали.
Но, и покрај тоа Телбиши вели дека продолжува да се спротивставува за да го заштити подрачјето од плановите за инвазија.
- „Бедран“ беше место за решавање на проблемите во градот -
80-годишниот Имран Марака, кој со децении продава палестинска традиционална везена облека веднаш до чајџилницата „Бедран“, истакна дека сè уште го продолжува својот занает што го започнал овде со татко му во 1950 година, по завршувањето на основното училиште.

Посочувајќи дека „Бедран“ во непосредна близина на неговата продавница има историја од речиси 200 години, Марака рече дека чајџилницата многупати го менувала сопственикот меѓу Палестинците.
Нејзиниот сопственик до 1948 година, кога Израел го објави своето основање, бил граѓанинот Мунир Бедран, жител на Хеброн.
Наведувајќи дека историската чајџилница е позната како место каде што постарите лица и креаторите на јавното мислење се собирале за да разговараат за различни прашања, Марака додаде:
„Редовни муштерии се постарите лица. Ова место службениците одговорни за општинските и државните плаќања го користеа за извршување на наплатата. 'Бедран' се користеше и како место за решавање на проблемите на градот. Кога имало проблем во градот, се собирале во чајџилницата за решение. Денес местото за користи за играње карти и за поминување на времето.“

Марака рече дека чајџилницата била и место за средба на туристите и трговците во тоа време.
Во промотивната брошура подготвена од Палестинскиот комитет за реконструкција на Хеброн, чајџилницата „Бедран“ е наведена како „едно од најстарите места во историскиот град“.
Градот Хеброн е поделен на два дела, Н1 и Н2, со договорот потпишан меѓу Израел и Палестина во 1997 година. 80 отсто од градот е целосно под контрола на палестинските власти, а 20 отсто од градот е поврзан со Израел во однос на безбедноста и административно на Палестина.
Областа на Стариот град, која го вклучува Харем-и Ибрахим, исто така е класифицирана како зона H2 и е оставена под контрола на израелските војници.
Во областа на Стариот град стотици израелски војници се стационирани на повеќе од 120 контролни пункта.
Се наведува дека во Стариот град на Хеброн досега се затворени речиси 1.800 продавници на Палестинци.