Alma Cekovic
06 Јуни 2017•Ажурирај: 06 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Лондонската полиција доцна синоќа соопшти дека сите 12 лица кои беа приведени по нападот во градот минатата недела се ослободени, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сите оние кои беа приведени во неделата на 4 јуни во рамките на истрагата, сега се ослободени без обвинение“, се вели во соопштението на лондонската полиција.
Полицијата не соопшти зошто се ослободени, ниту зошто првично беа осомничени, пренесуваат британските медиуми.
Сите 12 лица, на возраст од 19 до 60 години, беа приведени во источен Лондон, од кои десетмина биле на иста адреса.
Британската полиција го објави идентитетот на двајца од тројцата напаѓачи на Лондонскиот мост, а станува збор за Курам Шазад Бат и Рашид Редоне.
Полицијата соопшти дека истрагата за третиот напаѓач е во тек, и ги замоли жителите да јават за секоја информација која може да им помогне.
Најмалку седум лица загинаа, а 48 се повредени во саботниот терористички напад којшто се случи во срцето на Лондон. Нападот се случи кога напаѓачите со комбе удрија во пешаци на Лондонскиот мост, а потоа го напуштија возилото и почнаа да ги напаѓаат минувачите кај пазарот Бороу, каде што полицијата ги застрела сите тројца напаѓачи.
Ова е трет напад во последните три месеци во Велика Британија, а втор во Лондон. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација ДЕАШ.