Ekipa
23 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
АЛ БАБ (АА) - Слободната сириска армија (ССА), која е поддржана од страна на турските вооружени сили (ТСК), го ослободи центарот на градот Ал Баб, кој се наоѓа во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде АА, ССА, која е поддржана од турските вооружени сили, во потполност го ослободи центарот на Ал Баб од терористичката организација ДЕАШ и во моментов центарот се расчистува од мините и од останатите експлозивни средства што ги поставиле припадниците на ДЕАШ.
Еден од командантите на ССА на теренот, Ахмед ел-Шахаби, за АА изјави: „Контролата на центарот на Ал Баб сега е во рацете на опозицијата. Поради откривањето на поставените мини и експлозивни направи, полека напредуваме, но центарот на градот веќе е под контрола на опозицијата“.
Во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“, која започна на 24. август минатата година против терористичките организации во подрачјето меѓу Азез и Џарабулус, во декември минатата година ТСК и ССА своите операции ги насочија кон градот Ал Баб.
Елементите на „Штитот на Еуфрат“, наместо брзо да влезат во центарот на градот, избраа да го скршат отпорот на терористите опколувајќи го градот. Целта на ваквиот пристап беше да нема цивилни жртви.
Од почетокот на Операцијата „Штитот на Еуфрат“, до денес се ослободени 1.900 квадратни километри територија од терористичките организации.