Cansu Dikme
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили (TSK) од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во сириското погранично подрачје на Африн неутрализирале 557 терористи, соопшти турскиот Генералштаб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Турската авијација во текот на денот неутрализираше 73 припадници на терористичката организација ПЈД-ЈПГ/ПКК/КЏК и ДЕАШ на подрачјето на Африн, во северозападниот дел на Сирија.
Во соопштението се наведува дека 13 турски авиони се вратиле во базата откако уништиле 20 позиции што ги користеле терористите како засолништа и складишта за оружје.
Турскиот Генералштаб наведува дека во денешните судири повредени се двајца турски војници, но дека ниеден од нив не е во животна опасност.
Исто така беше соопштено дека загинал еден припадник на Слободната сириска војска, додека четворица се повредени.
Се наведува дека операцијата „Маслинова гранка“ продолжува во согласност со планираното.
Војската нагласи дека посветува максимално внимание на зачувувањето на безбедноста на цивилите.
Турските сили и Слободната сириска војска, во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, напредуваат кон центарот на Африн од север, запад и северозапад.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) т.е 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.