Şerife Çetin
13 Јули 2017•Ажурирај: 15 Јули 2017
БРИСЕЛ (АА) - Ив Паскауо, виш консултант на Центарот за бегалска политика на ЕУ, за АА изјави дека овој центар воочил оти од 2016 година е отворена нова бегалска рута, јавува Anadolu Agency (AA).
Паскауо изјави: „Воглавно, бегалците од Супсахарска Африка, користејќи ја рутата преку Медитеранот, почнаа да пристигнуваат во Италија“.
Во јануари, Европската комисија го објави извештајот „Бегалци од централномедитеранската рута“, во којшто се наведува дека рутата во источниот Медитеран е ставена под контрола, но формирана е нова рута, која се протега во централниот дел на Медитранот.
Според извештајот, преку централномедитеранската рута во 2016 година, во Италија пристигнале 181.000 бегалци, а во истиот период, рекордни 4.500 бегалци ги загубија своите животи во водите на Медитеранот. Споредувајќи го бројот на бегалците кои пристигнале во Италија во 2016 година, со истиот период една година претходно, може да се забележи раст од 18 отсто. Бегалците од централномедитеранската рута воглавно потекнуваат од Супсахарска Африка.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), само во 2017 година, по морски пат во Италија пристигнале 83.650 бегалци. Во истиот период, во обид да го преминат Медитеранот, животот го загубија 2.000 бегалци. Филипо Гранди, висок комесар за бегалци на ОН, ситуацијата во Италија ја окарактеризира како „трагедија којашто расте“.
- Закана за ЕУ од Италија -
Властите на Италија соопштија дека не можат да го „одржат“ приливот на бегалци во земјата и доколку ЕУ не преземе нешто, тогаш земјата ќе биде принудена да ги затвори пристаништата за спасувачките бродови што ги извлекуваат бегалците од Медитеранот.
Во интервју за италијанскиот весник „Il Messaggero“ (Месеџеро), министерот за внатрешни работи, Марко Минити изјави: „Доколку италијанските пристаништа се единствени на коишто ќе се носат бегалците, тогаш постои сериозен проблем. Ние сме под голем притисок“.
По ова, во Париз беше свикан итен состанот на министрите на ЕУ, на којшто стана збор за пренасочување на спасувачките бродови и во други држави.
Европската комисија минатата недела истакна дека товарот на бегалците не треба да се остави само врз Италија и го претстави својот акционен план. Со акциониот план се планира да се издвои буџет од над 80 милиони евра, со чија помош властите во Италија и во Либија ќе реализираат проекти со коишто ќе се спречат миграциите и ќе се овозможи безбедно враќање на бегалците.
- „ЕУ не создаде јасна политика“ -
Постои мислење дека ЕУ, која не знаеше како да излезе на крај со бегалската криза во источен Медитеран во 2015 година, нема да успее да изнајде сеопфатно решение со донесената одлука во врска со Италија.
Паскауо изјави: „ЕУ се соочи со голем притисок од бегалската криза. Затоа, решавањето на проблемот го прогласи за 'итна состојба'. Тоа стана пречка за создавање јасна политика за решавање на проблемот со бегалците во ЕУ и во земјите-членки. ЕУ не создава политика во врска со проблемот со бегалците, туку продолжува да реагира по ова прашање“.
Тој истакна дека проблемот стигнал до оваа точка бидејќи ЕУ и нејзините земји-членки не создадоа сеопфатна политика што ќе го реши проблемот во целото подрачје. „Можеме да кажеме дека се постигнати некои резултати, но тие резултати предизвикаа реакции и не се резултати поврзани со една генерална политика“, рече Паскауо.
По прашањето за бегалците, ЕУ и земјите-членки се согласија по две прашања, а тоа се контрола на надворешните граници и враќање на илегалните бегалци во матичните земји.
- „Не е можно прераспределувањето на 160.000 бегалци во ЕУ“ -
Од друга страна, може да се забележи дека во голема мера е неуспешна одлуката на Европската комисија, преку систем на квоти да ги распредели бегалците од Грција и Италија во Европа.
Во врска со извештајот што по ова прашање беше објавен во април, донесена е одлука на Европската комисија според којашто до септември 2017 година, од Италија и Грција треба во останатите земји на Европската Унија да бидат распределени 160.000 азиланти, а се знае дека до април оваа година, во земјите-членки се распределени само околу 16.000 азиланти.
Паскауо ваквата ситуација ја искоментира со зборовите: „Европската Унија никогаш нема да успее во планот да распредели 160.000 бегалци во земјите-членки на ЕУ“.