Zehra Aydın
10 Декември 2015•Ажурирај: 12 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Во Турција е изградена највисоката стаклена тераса, видиковец на карпите на Сикилдим во Артвин во североисточниот дел на земјата, а по отворањето, следната година, се очекува во спектакуларната панорама од терасата да уживаат 100.000 туристи, јавува Anadolu Agency (AA).
Видиковецот во кањонот на Националниот парк Хатила го изгради Дирекцијата за заштита на околината и националните паркови, која делува под закрила на турското Министерство за шумарство и водостопанство.
Ресорниот турски министер, Вејсел Ероглу најави дека видиковецот ќе биде отворен за посета на почетокот на следната година и дека ќе донесе значаен импулс на туристичкиот развој на тоа подрачје.
Стаклената тераса со површина од 50 метри квадратни е сместена на карпата Сикилдим, од која се шири спектакуларен поглед на долината на Националниот парк Хатила низ кој тече истоимената река.
Се наоѓа на надморска височина од 490 метри и 220 метри над реката Хатила.
„Самото доаѓање на терасата монтирана на карпа предизвика ерупција на адреналин кој е карактеристичен за екстремните спортови. Очекуваме, по отворањето на терасата, Националниот парк годишно да го посетуваат околу 100.000 туристи. Ќе продолжиме да инвестираме во природните убавини на нашата земја. Мораме да ги чуваме, без сквернавење на околината, а тоа ќе донесе поголеми туристички приходи“, рече Ероглу.