Emre Aytekin
20 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
ХАГ (АА) – Генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиското оружје, амбасадорот Ахмет Узумџу, во врска со лабораториската студија на експертите во врска со тврдењата дека во областа Хан Шејхун, во Сирија е употребено хемиско оружје, изјави: „Првите резултати од лабораторијата покажуваат дека жртвите биле изложени на гас сарин или пак на некоја супстанција слична на овој гас. Моменталните наоди се непобитни“, јавува Anadolu Agency (AA).
Организацијата за забрана на хемиското оружје ги сподели првите наоди од лабораториските испитувања на експертската комисија формирана за истрага на тврдењата дека во областа Хан Шејхун, во јужниот дел на градот Идлиб, е употребено хемиско оружје.
Узумџу ги информираше членовите на раководниот совет на организацијата дека експертската комисија при биопсијата на био-медицински примероци од тројцата загинати во нападите, направи анализи во две различни лаборатории, коишто покажуваат дека жртвите биле изложени на гас сарин, или пак, на друга отровна супстанција слична на овој гас.
Амбасадорот Узумџу, исто така, забележува дека експертската комисија направи анализи од био-медицински примероци земени од седумте лица кои сѐ уште се под терапија во болниците, а тие анализи покажуваат дека и овие лица биле изложени на гас сарин, или на слична отровна супстанција.
Тој нагласи дека довербата во експертската комисија е целосна во контекст на инструкциите од страна на раководството на организацијата за забрана на хемиското оружје, како и одлуките на Обединетите нации (ОН) поврзани со случајот. „Првите резултати што дојдоа од лабораториите овластени од страна на организацијата, покажуваат дека жртвите биле изложени на гас сарин, или пак нему слична супстанција. Ќе се прават детални анализи во врска со ова, меѓутоа, моменталните наоди се непобитни“, истакна Узумџу.
Во нападот со хемиско оружје од страна на Асадовиот режим во областа Хан Шејхун, во Идлиб, кој се случи на 4. април, загинаа повеќе од 100 цивили, од кои повеќето деца, а 500 лица беа изложени на отровниот гас.